Старт на нова ера во електрификацијата
Со новата генерација на Insight, Honda започнува и нова ера во електрификацијата
Објавено на 18 јануари 2018 година
Лансирана како пробен балон, претходната генерација на Honda Insight од 2009 година не ги задоволи очекувањата. Кратко време после претставувањето овој модел започна да исчезнува од понудата на јапонскиот производител, за во 2014-та да престане да се произведува. Но Јапонците не седеа со скрстени раце и во меѓувреме го развија неговиот наследник. Номинално трета по ред генерација, новата Honda Insight се врати на сцената со големи надежи. Изменета и е формата која сега е лимузинска со купеовски заден дел. Позиционирана е меѓу Civic и Accord, на кој помалку и наликува. Точните димензии не се објавени но е истакнато дека ќе располага со премиум карактеристики и високо ниво на опременост. За перформансите ќе се грижи хибриден систем од 1,5 литарски бензинец и електромотор, кој просечно ќе троши 4,7 литри на 100 километри. Литиум-јонските батерии ќе бидат сместени под задните седишта, така што Insight ќе располага со багажник со нормална големина.
Производството на новиот Insight ќе започне при крајот на годинава во американските погони на Honda. Јапонците засега не ги споменуваат своите планови за лансирање на овој модел на другите пазари.