Škoda Scala :: Последните метри од маратонот

Последните метри од маратонот

Чесите треба да се радуваат, но дури откако ќе ги истрчаат и последните метри од маратонот кој во нивниот случај испадна дека е трка со пречки
Објавено на 7 декември 2018 година

Škoda ги трча последните метри од својот маратон да стане производител на возила рамноправен со другите, посебно во сопственото друштво.  Го започна пред 28 години со наследениот Favorit, а ќе го заврши со Scala. А новиот чешки атлет има сила да се справи дури со пречките кои се исправуваат пред него. Најголемата е да се убедат купувачите дека Škoda конечно веќе не е марка која прави евтини возила. Во тоа се обидоа и другите пред него, но не успеаја до крај. Scala сепак има повеќе адути од нив. Главниот е благословот од групацијата, бидејќи Škoda со овој модел задира таму каде што не смееше ни да се помисли – во царството на Golf. Ние би рекле дури и повеќе, бидејќи со изгледот попрво асоцира на Seat Leon, па дури и на Audi A3. Скулптуралните облици доминираат, а од досегашните конзервативни линии во дизајнот има останато само траги во количини колку сепак да знаеме дека се работи за Škoda. Впечатокот одзади е дека со овој модел се редефинира целокупниот имиџ на марката, кој отсега ќе биде поемотивен. Целокупно гледано, Scala истовремено делува сериозно и спортски, како да сака покаже дека најавува пресвртница во пазарната политика на марката.

Чесите одамна не кријат дека посакуваат да ја зголемат својата конкурентност на сите полиња, што сега навистина и го сторија. Затоа и овој модел деклариран како наследник на Rapid е сосема поинаков од него. Со должината од 4,36 и ширината од 1,79 метри има поголеми габарити од Spaceback верзијата, додека седанот е исфрлен од плановите. Пространоста на каросеријата поставена на софистицираната MQB платформа е надградена со багажникот од 467 литри. Веќе површниот поглед во внатрешноста на Scala открива дека не е во ред да се споменува во иста реченица со Rapid. Тешко се препознава и дека е Škoda, но сепак сличности во организацијата на просторот со другите модели постојат. Употребените материјали се доволно квалитетни да се сфати колкав исчекор сака да се направи. Исто и опременоста, од која производителот ги истакнува 10-инчната дигитална инструмент табла и можноста за отклучување на возилото со мобилен телефон. Од другите технологии во Scala се среќаваат ЛЕД предни и задни светла, постојана интернет врска и електрично склоплива кука за приколка. Присутни се и сите актуелни системи за помош на возачот – од адаптивниот темпомат со автоматското запирање во град, преку одржувањето на лентата на возење и мониторингот на слепите агли, до автоматското паркирање. Но списокот тука не завршува – меѓу другото Scala може да се добие дури и со адаптивна шасија која по потреба го спушта возилото за 15 милиметри.

Возната динамика е загарантирана со современата гама мотори, предводена од еднолитарскиот TSi мотор со 95 коњски сили. Тука се среќава можеби единствениот компромис бидејќи е спарен со петстепен менувач. Но затоа веќе посилната варијанта на овој трицилиндричен агрегат со 115 коњи доаѓа со 6-степена мануелна или 7-степена DSG трансмисија. На спортски настроените купувачи им е наменет 1.5 TSi моторот со са 150 коњски сили, а поклониците на дизелот ќе мора да се задоволат со единствениот во понудата 1.6 TDi со 115 коњи. На некои пазари Scala ќе се нуди и со погон на компримиран природен гас, а иако официјално нема најави можно е во 2020 година да се појави и во RS изведба. На презентацијата која се одржа во Тел Авив Чесите многу зборуваа за неа, но не кажаа ништо за цените. Нив ќе ги дознаеме некаде околу салонот во Женева, кога за прв пат јавно ќе биде претставена на европската публика. Во продажба треба да се најде во вториот квартал идната 2019 година.

Ако нé прашате што би можеле најкратко да кажеме за Scala, тоа ќе биде дека е сериозен играч во Ц-сегментот со најсовремени технологии. Можеби нема да ја загрози територијата на Golf, но Ford, Opel, Renault и останатите треба добро да се замислат.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER