Замената на Rapid ќе има и ново име
Концептот Vision RS најави како ќе изгледа, а Škoda сега го објави и името на наследникот на Rapid
Објавено на 16 октомври 2018 година
Запаметете го името Scala бидејќи во иднина често ќе го слушате – во Škoda одлучија наследникот на Rapid да се вика токму така. Освен новото име и изглед, овој модел ќе има и нов концепт – место седан со пет врати и полукараванската Spaceback изведба, ќе биде хечбек со димензии некаде меѓу компактните и субкомпактните. Пополнувајќи празнина за која досега VW одбиваше да даде дозвола да се пополни, Scala ќе цели да стане еден од носечките модели во гамата. Заради тоа и механиката ќе и биде посовремена од онаа на Rapid. Наново развиен, овој модел ќе има и поинакви габарити, повеќе прилагодени на барањата на купувачите. Ќе биде подобрена и безбедноста, а опременоста ќе биде во согласност со стратегијата на марката.
Од Škoda сé уште се воздржани во најавите, така што освен името практично за сé набројано одбиваат да зборуваат – дури и неговиот изглед не го поврзуваат со тукуштопретставениот концепт. Сепак е јасно дека со Scala многу што ќе се промени во понудата на оваа популарна буџетска марка. Ќе биде претставен пред крајот на годинава, а не е објавено каде ќе се произведува и на кои други пазари освен европскиот ќе се продава.