Škoda Auto ги ажурираше двете верзии на својата икона Octavia која со повеќе од 7 милиони продадени примероци е убедливо најпродаваниот модел на марката
Најавена во февруари, денеска четврта генерација на Octavia се претстави со освежен изглед на двете каросериски изведби. Редизајнот вклучува обновена маска на ладилникот, надграден дизајн со обновени предни и задни браници како и нови предни LED Matrix светла од втората генерација.
Ревидирани се и задните LED светла со анимирани индикатори и нови дизајни на алуминиумските тркала. Структурата на новаta гама се состои од четири нивоа на опременост – Essence, Selection, Sportline и RS и нуди девет дизајнерски селекции за внатрешноста.
Во внатрешноста се применети одржливи материјали, задржан е 10 инчниот дигитален кокпит додека новост е 13 инчниот дисплеј за инфозабавниот систем, додека четботот ChatGPT со вештачка интелигенција ќе биде интегриран во гласовниот асистент Laura подоцна годинава.
Дополнителните системи за безбедност и помош ја подобруваат активната и пасивната безбедност, а новата структура на опсегот обезбедува дополнителни опции за индивидуализација. Новата Octavia кај нас ќе дојде во почетокот на јули во двете каросериски изведби и со второто ниво на опременост Selection.
Палетата мотори започнува со 1.5 TSI и 2.0 TDI, и двата со 116 КС. Следува 1.5 TSI со 150 коњи потпомогнат од 48 волтен хибрид и DSG. Дволитрените TSI добија поголема моќност. Едниот сега има 14 коњи повеќе, вкупно 204, а оној за Octavia vRS сега испорачува 265 КС што е зголемување во однос на претходната генерација за 20 КС.
Најсилниот дизел има 150 коњи. Во понудата остануваат мануелниот шест и седум степениот DSG менувач, а погон на сите тркала е сериски само во верзијата со мотор 2.0 TSI со 204 коњи. Хечбек верзијата со бензинскиот 1,5 TSI и DSG менувач ќе чини 27.130 евра, додека дволитрениот TDI со мануелен менувач од 26.940 евра.
Она што е интересно за овој модел е што караванската изведба Octavia Combi е омилена кај клиентите, со повеќе од 60% од вкупната продажба на моделот во последните четири години. Нејзината почетна цена е за 1.500 евра повисока од адекватно опремениот хечбек модел.