Си беше еднаш…
Новата G-класа на Mercedes ја доживеа својата неофицијална претпремиера
Објавено на 6 јануари 2018 година
Не, така нема да почнува приказната за Mercedes G-Class чија нова генерација ќе биде претставена во Детроит. Почитувајќи ги нејзината традиција и цврстите корени што таа ги има, дизајнерите на Mercedes ѝ подарија изглед кој многу малку се разликува од досегашниот. Толку малку што нé тера да се запрашаме дали зборуваме за нова генерација на легендата или пак само за редизајн на моделот стар 39 години. Визуелните разлики ќе ги забележат само познавачите – маската и браниците се заслужни за посвежиот изглед, а изменета е и оптиката на светлата. Големи промени навидум нема ниту во внатрешноста, во која се среќаваат уште подобри материјали, попрецизна изработка и помодерна и побогата опрема. Но затоа пространоста е значително подобрена и на патниците назад на располагање им се 15 сантиметри повеќе за колената.
Сличен тек приказната има и кај механиката. Крутата шасија е задржана, како и трите блокирачки диференцијали. Ослонувањето напред е независно, врвниот 4×4 систем ја дели силината 40 отсто напред и 60 отсто назад, а 9-степениот автоматски менувач со редуктор е стандард кај сите моторни изведби. Тие засега официјално не се познати, но се знае дека новата G-класа има клиренс од 24 сантиметри, влезен агол од 31 а излезен од 30° и дека совладува вода длабока 70 сантиметри. За другото ќе почекаме уште десетина дена.