Револуција со големо Р
Обновената Mazda6 Wagon ќе пристигне на салонот на автомобилите во Женева со револуционерниот SkyActiv-X мотор
Објавено на 7 февруари 2018 година
Актуелната генерација на Mazda6 во седан верзијата беше обновена во ноември минатата година на салонот во Лос Анџелес, така што сега е редот на нејзината рестилизирана караван варијанта. Таа ќе ја има својата промоција на почетокот на следниот месец на салонот во Женева. Што се однесува до визуелните промени, тие пред сé се концентрирани на предниот дел. Маската, светлата и браникот се ускладени со поновите модели на марката, па така Mazda6 малку наликува и на кросоверскиот CX-5. Модификувани се и ослонувањето и системот за управување, а звучната изолација е подобрена. Опременоста е збогатена со напредната i-Activsense безбедносна технологија која вклучува активен темпомат и камери со поглед од 360 степени.
Но најинтересното доаѓа во предниот дел на новата Mazda6 – револуционерниот SkyActiv-X мотор кој ги комбинира бензинскиот и дизел начин на работа. Деталите засега се исклучени од официјалната комуникација, така што ќе мора да се стрпиме уште малку. Секако, во Женева ќе биде прикажана и обновената седан верзија на Mazda6.