Освојување на нови хоризонти
Поголемиот брат на Megane E-Tech со звуците на Жан-Мишел Жар доаѓа со практичен, исполнет со технологии и одржлив ентериер
Renault на IAA Mobility салонот во Минхен ја покажа новата петта генерација на Scenic, кој сега е трансформиран во електричен кросовер. Но иако ги нема моноволуменските форми, овој пионер во својата класа го задржа семејниот карактер, сега засилен со фокус на одржливоста и безбедноста. Серискиот модел изгледа многу слично на Vision Scenic концептот прикажан минатата година, со благо припитомени дизајнерски карактеристики. Тогаш тој остави силен впечаток заради што сега во француската компанија се надеваат дека ваков каков што е ќе им биде привлечен на купувачите.
Димензиите не му се многу променети – малку е подолг и со поголемо меѓуоскино растојание, но е понизок. Тоа го налагаше новата форма, но заради електричната платформа ни малку нема загубено од практичноста. Напротив, со додавањето нови функции Scenic сега е попријатен за патувања. Така на пример наслонот за раце за патниците назад вклучува масичка на преклопување, држачи за чаши, покриен простор за ситници, два USB-C конектора и безжичен полнач. Багажникот од 545 литри е помал од оној на претходникот, но може да порасне на 1.670 кога задните седишта ќе се склопат. Renault истакнува дека 24% од материјалите користени во Scenic E-Tech се рециклирани, додека 90% од неговата тежина може да се рециклираат, вклучително и батериите.
Архитектурата на која е поставен е пренесена од Megane E-Tech и Nissan Ariya и нема некои изненадувања. При лансирањето новиот модел ќе биде достапен во неколку верзии. Основната ќе добие електромотор со 170 KS и батерии од 60 kWh кои овозможуваат WLTP автономија од 418 km, a посилната варијанта ќе има 218 KS и батерии од 87 kWh за 610 km. Асортиманот на Scenic E-Tech ќе вклучува три нивоа опрема – почетниот Techno, спортскиот Espirit Alpine и премиум топ варијантата Iconic. Како електричен модел ќе добие и единствени звуци за предупредување на пешаците и добредојде на патниците креирани во соработка со светски познатиот Жан-Мишел Жар.
Почетокот на продажбата е закажан за првите месеци идната 2024-та. Цените ќе бидат објавени дополнително, а производството ќе се одвива во фабриката во Франција.