Renault е доволно храбар да го воскресне R5 Turbo во електрично издание со повеќе од 500 КС!
Со дизајн инспириран од оригиналниот R5 Turbo од 80-тите Renault ја претстави сериската верзија на концептот R5 Turbo 3E, кој ќе биде современ наследник на класичните R5 Turbo I и II и Clio V6.
Ретро-футуристичкиот стил на дизајнот не го одалечи новиот модел од својот предок. Задржани се препознатливите контури на оригиналот, а додадени се големи тркала со ултра широки гуми. Во споредба со концептот, прикажан на саемот во Париз 2022 година, екстериерот еволуираше добивајќи поелегантна линија и преработена аеродинамика.
Изразените браници и страничните панели се обработени во бела боја, во контраст со жолтата каросерија и црниот покрив. Предните LED светла се чини дека се модернизирана верзија на класичниот R5, додека задните се позајмени од новиот R5 E-Tech Electric. Приклучокот за полнење е скриен во еден од страничните доводи, кои се дизајнирани да го ладат електричниот погон.
И покрај сличноста, R5 Turbo 3E не е механички поврзан со стандардниот Renault 5. Тој има карбонска монокок шасија за која се вели дека е лесна и исклучително цврста. Француската џебна ракета е придвижувана од два електрични мотори поставени на задните тркала. Со моќност од 507 КС, R5 Turbo 3E е најмоќниот сериски модел на Renault, кој ветува забрзување до стотка за помалку од 3,5 секунди.
Renault не објави детали за достапноста и цената на серискиот модел, но се очекува да пристигне во 2026 година. Судејќи според природата на изработката, најверојатно ќе се нуди во ограничен број и по висока цена.