PSA ќе го прекине производството на Astra во Британија
Новата генерација на Astra која треба да се појави во 2021 година најверојатно нема повеќе да се изработува во Vauxhall-овата фабрика во британскиот Елсмир Порт
објавено на 22 април 2019 година
PSA групација која од август 2017-мата е сопственик на Opel и Vauxhall во наредните неколку седмици ќе одлучи каде ќе се произведува следната генерација на Astra – дали како досега во Велика Британија, или пак во Риселсхајм. Синдикатот во Елсмир Порт веќе стравува дека фабриката ќе го загуби производството на верзијата на Astra со управувач на левата страна и дека ќе останат само со верзијата на Vauxhall наменета за купувачите на Островот, што автоматски ќе значи отпуштања од работа. Една од причините за преселбата на производството на Astra во Германија е дека летово од таму ќе престане да излегува Zafira, така што оваа фабрика во која ќе остане само Insignia ќе има вишок производствени капацитети.
Иако PSA сé уште нема никакви официјални најави за ова, германските медиуми известуваат дека изборот веќе е направен и дека преселбата во Риселсхајм е извесна. Во прилог на нивното тврдење оди и неизвесноста околу Брегзит и деловните ризици што ќе произлезат од излегувањето на Велика Британија од Европската Унија. Тоа делумно го потврди и ветувањето на директорот на Opel кој на претставниците на синдикатите во Риселсхајм им кажа дека и после укинувањето на Zafira компанијата сепак ќе обезбеди производство на уште еден модел.
Според сите информации, производството на Astra во Полска нема да биде загрозено.