Индонезиската влада започна иницијатива за анимирање на сопствена марка возила
Индонезискиот пазар на возила за нас е непознат, но популацијата од 282 милиони која лани купи 713.710 возила во вредност од скоро 19 милијарди долари е податок што зборува сам за себе.
На конкурентниот автомобилски пазар во Индонезија доминираат брендови како што се Toyota, Daihatsu, Honda, Mitsubishi, Suzuki и BYD. Затоа централната влада започна иницијатива за стратешка индустриска локализација во автомобилскиот сектор.
Иницијативата е целосно посветена на развој на целосно електрично патничко возило за владина употреба, со амбиција да се отвори патот за идно комерцијално производство. Проектот ќе ги задоволи институционалните потреби на земјата и има за цел да му понуди на националниот пазар возило кое станува симбол на единство на мултикултурната нација, хармонично спојувајќи ја ексклузивноста, културниот идентитет и технолошката иновација.
Концептот за дизајн е кросовер со 6 или 7 седишта развиен на постоечка електрична платформа. Под работно име Concept i2C светската премиера се одржа во рамките на Меѓународниот автомобилски саем GAIKINDO Indonesia (GIIAS), најголемиот автомобилски настан во Индонезија и Југоисточна Азија, кој се одржува од 24 јули до 3 август 2025 година.
На штандот се изложени идеите од истражувањето на дизајнот на надворешноста и ентериерот, придружено со модел од глина во целосна големина. Изработен од градителите на каросерии од Торино, Italdesign е посебно горд што придонесува во обликувањето на првото автохтоно патничко возило во Индонезија.
Дизајнот, развиен заедно од тим индонезиски инженери и професионалци од Italdesign, оддава почит на богатата култура на Индонезија. Квадратниот надворешен дизајн изразува силен визуелен идентитет и природна склоност кон авантура, спојувајќи ја елеганцијата и практичноста во секој детаљ.
Дизајнот на ентериерот се одликува со чисти, суштински линии што пренесуваат чувство на уредна функционалност, збогатени со карактеристични допири за да обезбедат премиум искуство во возилото.
За сега целиот проект останува под велот на мистеријата. Не е обелоденето чија електрична платформа ќе се користи и каде би се произведувал првиот индонезијски автомобил. Ова е почеток на едно возбудливо патување, а веќе првите конкретни резултати, односно функционално возило подготвено за производство е најавено дека ќе се претстави на истото место следната година.


