Продажбата на автомобили во САД годинава помала за два милиони возила
Американската автомобилска индустрија ќе доживее силен удар заради неизвесноста што ја наметна Трамп со својата надворешна трговска политика. Првите прогнози кажуваат дека годинешната продажба ќе биде за скоро два милиона возила помала. Ако пак навистина сé остане онака како што претседателот вели, за една деценија таа би се намалила за дури седум милиони на годишно ниво. Најмногу ќе настрадаат популарните и поевтини модели кои се произведуваат во Канада и Мексико. Зголемувањето на американската продукција нема многу да помогне бидејќи паралелно со тоа ќе растат и цените на возилата што секако ќе делува негативно на крајниот биланс.
За да ги спасат плановите домашните производители веќе започнаа да нудат попусти на некои од своите модели, но тоа сепак е само краткорочно решение. Според нив треба да се направи сé што е можно за да се задржи пристапноста на автомобилите за купувачите кои сега во просек плаќаат по скоро 50 илјади долари. Под контрола треба да се држат и каматите на кредитите и другите трошоци како на пример осигурувањето. Тие предупредуваат дека ако тоа не се случи неминовно ќе дојде до отпуштање на работници што е спротивно на она што Трамп го сака.