Нова пандемија од Вухан!
Славното британско име за прв пат лансира спортско-корисно возило. Исто така, за прв пат батериско електрично возило, и за прв пат ќе се произведува во Кина…
Проектот Eletre е започнат од идеја која во период од пет години се реализира како комерцијален модел. Околу него многу копја се кршеа со оглед дека компанијата немаше никакво искуство во правење БЕВ, уште помалку во креирање спортско-корисни возила. ЗатоаLotus Eletre ќе се произведува во сосема нова фабрика во добро познатото место Вухан во Кина, а првите испораки ќе започнат на почетокот на следната година.
Производителот тврди дека Eletre ги има сите традиционални карактеристики на Lotus, но со употребливоста што ја носи кросовер со четири врати. Дали е така ќе се увериме кога ќе се сретнеме со него, но фотографиите покажуваат дека повеќе е инспириран од италијанските пастуви отколку од историјата на Lotus. Поставен е на сосема нова Electric Premium платформа за електрични возила. Почетната моќност на Eletre е 600 КС во конфигурација со два мотори, по еден на секоја оска, па спринтот до 100 км/ч ќе трае помалку од три секунди и ќе достига максимални 260 км/ч. Силата ја храни од 100 kWh батерија а фабричките податоци велат дека според циклусот на мерење WLTP, Eletra има автономија до 600 километри.
Полнењето може да се одвива и со моќност до 350 kW, што значи дека за 20 минути „закаченост“ се добиваат 400 километри возење, барем теоретски. Поради поставеноста на воздушно потпирање Lotus Eletre најавува покрај удобноста и брзината, добри манири на лоши подлоги преку активната променлива висина, одлична динамика на возење и управување на сите тркала. За пазарите каде што е дозволено, Lotus ќе го испорача Eletre со камери наместо со надворешни ретровизори. Вградени се два лидарски уреди за автономно возење и самоприспособлив темпомат, а производителот тврди дека моделот е подготвен за целосно автономно возење со дополнителни лидарски сензори на браниците.











