Предизвик до искушение
Audi А5 Sportback за прват доби RS пакет
Објавено на 4 април 2018 година
Американците не ги сакаат караваните и затоа наместо извинување за исклучувањето на RS4 од нивниот пазар Audi им ја понуди Sportback изведбата на A5 во RS пакување. За лансирањето на овој модел кој прв пат се појавува под оваа ознака Германците избраа агресивна боја која треба да ги долови неговите можности. Изгледот му е феноменален благодарејќи на агресивниот аеро-пакет зад кој се кријат поголемите тркала, посилните сопирачки и потврдо подесеното ослонување. Во согласност со тоа е и модификуваниот ентериер со спортските седишта, соодветниот управувач и виртуелниот кокпит. Зеленото чудовиште како што нашите американски колеги го нарекоа RS5 Sportback под својата кожа крие 2,9 литарски твин-турбо V6 мотор со 450 коњски сили спарен со 8-степен автоматски менувач. Трансмисијата нормално е на сите тркала, кои ќе се свртат до сто километри на час за 3,7 секунди. Купувачите кои ќе доплатат за Dynamic Plus пакетот ќе можат да стигнат до 280, а другите ќе мора да се задоволат со „само“ 250 километри на час. Практичната страна на петвратната купе-каросерија навестува дека овој модел ќе стигне и на европскиот пазар. Засега за тоа нема потврда, а Американците ќе можат да го добијат во втората половина од годинава по цени кои не би требало многу да отстапуваат од оние на RS5 Coupe.