Повеќе од алтернатива
Корејскиот модел кој се произведува во Словачка ја надмина првичната позиционираност и рамноправно се вмеша меѓу староседелците во класата
Објавено на 7 март 2018 година
Помина времето кога на Kia Ceed се гледаше како на привлечна алтернатива на владетелите во компактна класа. Секоја негова генерација донесуваше многу новости и се приближуваше до европската конкуренција и сега Ceed може да се смета за еден од нив. Можеби и затоа името му е поедноставено со исфрлање на апострофот од него, но поверојатно е дека Корејците на овој начин сакаа да привлечат дополнително внимание. Така посматрачите полесно ќе забележат дека под атрактивниот изглед инспириран од Stinger се крие нова платформа. Таа го има истото меѓуоскино растојание но со измената на пропорциите патниците имаат повеќе простор. Внатрешноста е значително унапредена а количеството напредни технологии збогатено. Моторната понуда е освежена со 1,4 литарски бензинец со 140 коњски сили. Трицилиндричниот еднолитарски агрегат со 120 коњи останува и понатаму, а дизелите сега се со 115 и 136 коњски сили.
Заедно со хечбекот, Kia во Женева ја покажа и новата Sportswagon варијанта на Ceed. Покрај поелегантните линии на задниот дел, карактеристика му е багажникот од дури 600 литри.