Porsche Taycan – Cross Turismo

насловна Новитети

Летово ќе биде жешко!

Последниот дериват на Tycan докажува дека теренот може да биде ”спроводник“

објавено 04. март 2021

Сосема логичен и очекуван потег беше појавувањето на петтата верзија на електричниот Tycan. Овој пат како кросовер способен да помине преку неасфалтирани делници. Првиот впечаток се добива од надвор. Дизајнот на каросеријата претрпе значајни промени во задниот дел каде извишувањето на покривот овозможи многу повеќе простор за главите на задните седишта и зголемен багажен простор. Типичната предница претрпе адекватни измени поради теренскиот изглед што го негува Cross Turismo инспирирани од Panamera Gran Turismo. Најавен за ова лето,  Taycan Cross Turismo својот поход ќе го започне од петте важни пазари, а тоа се САД, Обединетото Кралевство, Норвешка, Холандија и Германија. Останатите ќе причекаат до следното обавестување закажано за почетокот на продажбата. Многумина ќе се запрашаат дали Taycan Cross Turismo е вистински кросовер?

Според техничката спецификација тоа е без поговор. Сосема очекувано го дели подвозјето и техниката  со најсилните деривати на електричниот Porsche. Кога ќе се избере модусот на возење Gravel каросеријата се подига за 30 мм во однос на онаа на лимузинската изведба и сериски е поставена на воздушна суспензија која може автоматски да менува повеќе начини на потпирање. На секоја оска е поставен по еден електро-мотор. Нивната заедничка работа испорачува четири верзии различни по силата која се движи од 380 до 761 КС. Кај сите изведби овозможена е дополнителна сила со ”overboost“ до 96 коњи па затоа спринтевите до 100 км/ч се извонредни 5,1 секунда за најслабата верзија Taycan 4Cross Turismo до секавични 2,9 секунди за најсилната Turbo S! Taycan Cross Turismo работи на систем од 800 волти наместо на 400 V што се употребува за обични електрични  возила. Стандардната Performance Battery Plus содржи 33 модули секој составен од 12 индивидуални ќелии кои формираат капацитет од 93.4 kWh. Ниската поставеност дава одлично тежиште за врвни перформанси и безгрижни излети вон асфалтот.

За активната и пасивната безбедност се грижи будното око на електрониката надгледувана од интегрираниот  Porsche 4D Chassis Control кој ги анализира и синхронизира сите системи во реално време. Опременоста е богата уште од почетната изведба но, за цената ќе почекаме неколку недели пред лансирањето кога ќе започне примањето на нарачките. Во 2020 Porsche испорача повеќе од 20,000 примероци на Tycan  глобално.