Прославувањето на својот 75. роденден Porsche го круниса со концепт на хипер автомобил што можеби ќе ја смени играта
На самиот почеток компанијата основана од Фердинанд Порше покажа дека ќе биде нешто посебно, нешто што ќе ја смени перцепцијата за автомобилите. Тоа и се случи. На прославата на својот 75. роденден, кој заврши пред неколку часа, Porsche ја покажа својата визија за иднината на своите креации.
Mission X блесна во сиот сјај што може да го произведе „Неговото Височество автомобилот“ покажувајќи дека и следните 75 години ќе бидат исполнети со подеднаква возбуда и уште посилни перформанси извлечени од современата технологија. Но, пред да се препуштиме на техничките шпекулации, бидејќи не се откриени многу детали за погонот, треба да се восхитуваме на скулпутуралната појава на Mission X.
Поставен на меѓуоскино растојание речиси идентично на 918 Spyder, има карбонска каросерија, и како што е најавено од куќата, двојно поголем потисок на каросеријата од 911 GT3 RS! Овие податоци се од голема важност бидејќи во приказната се вклучени две легенди на Porsche. Пред десетина години 918 Spyder беше еден од трите нови хиперавтомобили кои докажаа дека електрификацијата не е само посветена на екологијата.
Тоа е првиот автомобил хомологиран за секојдневна употреба што го помина Нордшлајфе на Нурбургринг за помалку од седум минути. Со должина од 4.596 мм, широк 1.999 мм и висок 1.199 мм, Mission X е пократок, но поширок и повисок од рекордерот. Визуелно тоа е многу различен автомобил со многу фасцинантни дизајнерски елементи. Највпечатливите од нив се големата лесна купола што се протега над кабината и вратите во стилот на возило од серијата Ле Ман со вистински стил на хиперавтомобил.
Засега официјално е само концепт. Но, повеќе од јасно е дека во следните години тој ќе биде една од гордостите во гаражите на хипер богатите колекционери. Првиот аргумент на Porsche Mission X е дека има повеќе од 1.700 килограми потисок при брзина од 285 км/ч. А другата е да поседувате сооднос сила-тежина од приближно една коњска сили на килограм тежина. Се нагаѓа дека ќе има 1.521 КС. Ако е така, тогаш би бил тежок неверојатни, за електричен хипер автомобил, само 1.521 кг.
Во внатрешноста, поставени се школкасти седишта изработени од јаглерод со различни бои за возачот и совозачот. Колку да се знае кој коси, кој вода носи. Има повеќе камери за снимање на „акцијата“. Не е познато колку електрични мотори ќе има, но јасно е дека батеријата ќе биде сместена зад седиштата, исто како и во најавениот електричен 718 Cayman.
Porsche откри дека електричната архитектура од 900 волти ќе му овозможи да се полни двојно побрзо од сегашниот Porsche Taycan, кој е еден од електричните возила со најбрзо полнењето во светот. За автономијата нема нагаѓања, ќе треба да се почека кога убавиот сон ќе стане јаве.


