Porsche – Macan

насловна Новитети

Смален број мотори, зголемена сила

Се подготвува патот кон електрификацијата на малиот тигар

објавено 21. јули 2021

Веќе на големо се зборува за првиот целосно електричен Macan кој ќе се појави за две години. Бидејќи волуменот и профитот во моментов сè уште ги обезбедува конвенционалната серија на бензински мотори, особено теренеците, Porsche спроведува стратегија во две насоки за да не ги пишмани постојните клиенти.

Компактниот Macan претставен во 2014 беше ревидиран повторно во 2017 година може да се смета за одлично продаван продукт од Цуфенхаузен па затоа повторно е освежен. Овој пат Macan ќе биде достапен само со три значително помоќни мотори, а ќе се појави на пазарот на почетокот на октомври. Од второто дотерување малку работи може да се забележат на екстериерот. Новиот преден дел создава посилен ефект, а задниот дел со црн дифузер, кој исто така е изменет, го издвојува од неговиот претходник.

Страничните ленти во 3Д изглед на површината ги нагласуваат крилјата. Покрај тоа, купувачите може да изберат седум нови дизајни на тркала и три нови бои на каросеријата. Внатрешноста исто така е обновена. Во иднина, возачите ќе се сладат со нова централна конзола со чист стаклен изглед и површина осетлива на допир. Инфо-забавниот систем на Porsche сè уште ќе се контролира преку 10,9-инчен екран на допир.

Покрај тоа, вброени се нови материјали, скратен е селекторот на менувачот, задржан е стандардниот аналоген часовник, вброен е мултифункционалниот спортски управувач познат од 911, како и новите пакети на опременост со кожа и контрастни шевови во боите на бојата на каросеријата. Последниот Macan со термички мотори се потпира на три верзии. Почетокот на понудата е резервиран за новоразвиениот дво литарски четирицилиндерски турбо-бензинец, кој со 265 коњи има уште 20 КС повеќе од претходникот со, исто така, зголемен вртежен момент за 30 чија вредност сега достига 400 Nm што носи импресивна агилност на патот.

 

Двете варијанти со погон на сите тркала се засилени. Првата со 2.9 литарски V6. Во Macan S, моќноста се искачи за на 380 КС како и вртежниот момент на 520 Nm изедначувајќи се со сегашниот GTS. Macan GTS пак бележи скок на перформансите на 440 КС, додека Macan Turbo нема да има наследник. На тој начин GTS ќе ја превземе улогата на спортски знаменосец која ја прифаќа со типични црни акценти и 21-инчни тркала во RS дизајн.

 

На списокот се вклучени сопирачките со облога на волфрам карбид, еден од најиздржливите материјали по дијамантот, со кои е сериски опремен Macan GTS. Спортската воздушна суспензија со електронска контрола на амортизерите PASM (управување со активна суспензија) и каросеријата спуштена за десет милиметри се исто така дел од сериската опрема.

Зголемената цврстина на воздушните пружини и новоусогласените амортизери обезбедуваат подобра динамика на возење и контрола на автомобилот, со прилагодена PASM контрола овозможуваат идеален дијапазон помеѓу удобноста и перформансите. Сходно на овие промени ќе биде ревидирана и цената. За колку ќе дознаеме кога ќе се случи комерцијализацијата, но се очекува поскапувањето да биде од пет до десет илјади евра во однос на претходниците.