270 илјади евра за целосно задоволство
Новиот Porsche 911 освојува само пофалби, до толку што се добива впечаток дека нема вистинска конкуренција
Објавено на 25 јуни 2019 година
Ова сепак не е докрај вистина бидејќи најлутиот конкурент тој го има во самиот себе. Поточно во 911 Speedster изведбата која во целост ја користи техниката од претходната генерација. Наменет за бескомпромисните, инженерите од Цуфенхаузен го имаат собрано најдоброто од сите верзии и спакувано во атлетска каросерија која предизвикува ретро носталгија. Така шасијата му е од Carrera 4 Cabrio, некои детали од 911 R, а ослонувањето и моторот од суровиот GT3. Тој е засилен на 510 коњски сили и спарен со шестстепен мануелен менувач, а погонот е само на задните тркала. Тоа ветува нефилтрирано задоволство во возењето кое кулминира со забрзувањето до сто на час за 4 секунди. Максималната брзина што ја постигнува е 310 километри на час, но таа ќе дојде во втор план со спуштањето на платнениот покрив што во духот на традицијата се прави рачно. Одредени делови од каросеријата се направени од карбон, а ексклузивитетот загарантиран со лимитираното производство од точно 1.948 примероци и цената од 270 илјади евра.
Видео