Porsche им кажа збогум на дизелите
После неполна деценија, Porsche ги исфрла дизелите од понудата
Објавено на 24 септември 2018 година
Лоша вест за купувачите од пазарите како нашиот – Porsche официјално објави дека повеќе нема да произведува возила со дизел мотори. Такво нешто веќе некое време беше навестувано, а преминувањето од зборови на дело започна со третата генерација на Cayenne. Според зборовите на првиот човек на марката Оливер Блум, растечкиот интерес за електричните возила посебно во Европа е доволен сигнал за насочување на развојните ресурси во поинаква насока. Тоа ќе биде потпомогнато со 6 милијарди евра инвестиции, чиј придонес ќе започне да се забележува веќе наредната година, а во од 2025-тата секое второ новопроизведено Porsche ќе биде електрифицирано. Според статистиката, 63 отсто од продажбата на Panamera во Европа ја чинат хибридните верзии. Глобално, само 12% од купувачите на Porsche се одлучуваат за возила задвижувани со дизел мотор. Додавајќи дека во таква конотација е умно да се скрати понудата на вакви возила, Германците сепак го признаваат придонесот на оваа технологија но не наведуваат кога последниот дизел автомобил ќе се симне од производствените ленти. Првиот нивни модел со дизел мотор беше Cayenne од 2009 година.