Гигантот ја електрифицира флотата
Една од најголемите светски компании за изнајмување на возила ќе ја збогати својата понуда со ЕВ.
Обврската што Херц самиот си ја наметна е да биде еден од двигателите за омасовување на електричните возила. Својата флота ќе ја зголеми со стратешкиот партнер Polestar од кого во следните пет години ќе бидат испорачани 65.000 електрични возила. Првично ќе бидат примероци од моделот Polestar 2 кои на должност ќе стапат во Европа пролетва и кон крајот на годинава во Северна Америка и Австралија. Скандинавците ги одликува авангардниот дизајн и водечка технологија која се вградува во возилата што помага волуменот на пласманот постојано да се зголемува. Кинеските сопственици беа доволно мудри да ги остават Швеѓаните да си ја завршат работата по сопствен терк што резултира со тројно зголемување на нарачките лани, проектиран двоен раст во тековнава година и се очекува обемот на производство да достигне 290.000 возила годишно до крајот на 2025 година. За Херц, овој потег е дел од тековната посветеност да има водечка ролја во електрификацијата на глобалниот возен парк. Партнерството со Polestar се надоврзува на најавата што Херц ја даде минатиот октомври да им ја понуди на своите клиенти најголемата флота за изнајмување ЕВ во Северна Америка и една од најголемите во светот.