Поголем, полесен, понапреден
Volkswagen уште еднаш го избра Далечниот Исток за претставување на својот најнапреден модел, но овој пат тоа го стори на импресивен начин
Објавено на 26 март 2018 година
Праќајќи маскиран прототип на пат долг 16.500 километри од фабриката во Братислава до салонот на автомобилите во Пекинг, Германците не ги штедеа суперлативите за новиот Volkswagen Touareg, истакнувајќи дека е поставен на истата платформа која се користи и кај Audi Q7, Bentley Bentayga и Lamborghini Urus. Заради неа Touareg сега е поголем и има должина од скоро 4,9 метри. Доби малку и на широчина, додека висината е незначително намалена. Надворешниот изглед во кој благо е нагласен новиот дизајнерски јазик на марката предизвика бројни коментари, но во ретко кои од нив се среќаваат замерки. Најчести се дека наликува на американскиот Atlas, иако во тоа навистина нема ништо лошо. Изгледот сега генерално му е некако надмен и овој модел делува позрело. Големата маска длабоко навлегува во браникот правејќи ЛЕД светлата составени од дури 128 диоди да изгледаат помали отколку што се. Визуелната доминација на отворите за воздух е разбиена со испрекршените површини, а профилираната хауба ја дава потребната доза динамика. На силуетата за тоа е задолжена карактерната линија која се искачува над задните тркала. Испакнатите прагови на долниот дел од вратите делуваат мускулесто, а страничните стакла технички модерно. Таков е и задниот дел на кој чистите површини со ништо не се нарушени.
Поголемите димензии донесоа и повеќе место во внатрешноста, посебно на задната клупа и во багажникот кој нарасна на цели 810 литри. Со тенденција да се наметне како избор број 1 во својата класа, третата генерација на Touareg располага со бројни премиум карактеристики. Од Volkswagen за него велат дека буквално е преполн со нови технологии. Тоа јасно се забележува од големите екрани – дигиталната инструмент табла од 12 и централниот дисплеј од 15 инчи. Вообичаените копчиња и прекинувачи скоро и да ги нема. За удобноста се задолжени воздушното ослонување и разладуваните седишта, а аудиофилите ќе бидат одушевени со системот со 14 звучници и засилувачот од 730 вати. За безбедноста и возните својства ќе се грижи коктел разни технологии, меѓу кои и управување на задните тркала. Полесен е за стотина килограми од својот претходник, а инфрацрвената камера ќе ги открива опасностите на слабо осветлени места.
И покрај лошиот глас што ги бие, за овој горостас од Волфсбург се одлучија за избор од три дизел мотори. Touareg на почетокот ќе биде понуден со V6 агрегати со 231 и 286 коњи, на кои подоцна ќе им се придружи и V8 TDi со 421 коњска сила. Поклониците на бензинот ќе мора да се задоволат со само еден агрегат со 340 коњски сили, а набргу се очекува и plug-in хибридна варијанта. Својата европска премиера Touareg ќе ја има на салонот на автомобилите во Загреб, а продажбата ќе му започне во втората половина од годинава. Се очекува неговите цени да бидат осетно поголеми заради интеграцијата на новите технологии и напредни системи. Volkswagen има продадено скоро милион примероци од двете претходни генерации на Touareg.