Поатрактивна и побезбедна
И овој редизајниран хечбек ќе ги освои срцата на љубителите на Škoda
Објавено на 9 февруари 2018 година
Škoda со Fabia направи добра работа – од 1999 година до денес се продадени преку 4 милиони примероци, а за зголемување на таа бројка ќе придонесе и редизајнираниот модел. Голем број новости го красат овој чешки автомобил. Нови и поатрактивни се браниците, редизајнираните светла за прв пат ќе бидат со full-LED технологија, а сензорите автоматски ќе ги гасат долгите светла кога ќе детектираат возило од спротивна насока. Во новиот пакет електроника е и безбедносен систем за контрола на мртвиот агол кој ќе сигнализира и на опасност од возила кои приоѓаат со голема брзина. И внатрешноста доживеа значителни подобрувања. Секој модел ќе има екран чувствителен на допир, со многу опции. Поврзувањето со автомобилот ќе биде на повисоко ниво, а навигацијата од интернет автоматски ќе ги симнува податоците за состојбата во сообраќајот на зададената рута.
Škoda за почеток ќе понуди избор од четири бензински мотори за Fabia, сите со еден литар работна зафатнина. Атмосферските се со 60 и 75 коњски сили, а TSi верзиите со 95 и 110 коњи. Најсилната верзија ќе биде достапна со 7-степен DSG менувач. Премиерата ќе ја има во Женева идниот месец, а во продажба ќе биде пуштена на средината на годината.