Електричните возила го менуваат начинот на кој патуваме ама поставуваат и некои нови правила пред индустријата и сопствениците.
Типичен пример се пневматиците кои на прв поглед делуваат идентично како и кај возилата со мотори со внатрешно согорување. Разлики сепак постојат и тоа значајни, најмногу заради тежината која е за неколку стотици килограми поголема.
Затоа и на електричните возила треба да се вградуваат пневматици со поголем индекс на носивост кои имаат поцврсти ѕидови. Освен тоа електромоторите развиваат повисок вртежен момент и тоа уште при тргнување што доведува до поголем стрес за пневматиците.
Веќе овие две причини се доволни на електричните возила да се монтираат посебни пневматици бидејќи користењето на обични иако е сосема можно, може да ја намали безбедноста. Покрај тоа пневматиците за нив треба да имаат и помал отпор на тркалање за да се зачува автономијата а не треба да се занемари и бучавата што ја создаваат која кај обичните возила е прикриена со звуците од моторот.
Сето ова сопствениците треба да го имаат предвид и да бидат подготвени да платат повеќе за пневматици наменски конструирани за електрични возила кога ќе дојде време за нивна замена.


