Најновиот модел на Peugeot пристигна кај нас
Пред три месеци кога бевме во Шпанија на тест возењето на 408, домаќините најавија дека неговата македонска премиера треба да ја учекуваме во февруари. Речено, сторено.
Купе кросоверот веќе е изложен во салонот на Еуроимпекс, три деценискиот партнер на Peugeot за Македонија, но и Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.
Позициониран помеѓу 308 и 508, 408 е нов глобален модел што ќе се произведува во Мулуз. Скулптуралната форма на каросеријата бележи 469 сантиметри и располага со многу простор, а врамена е со препознатливите дизајнерски карактеристики на марката, „очњаците“ напред и „лавјата канџа“ на задниот дел кои се мајсторски нагласени и веднаш ви ја откриваат припадноста без да се види амблемот.
За 408 предвидени се бензински и плагин хибридни погони додека дизелот е исклучен од понудата. Основниот мотор е 1,2-литарскиот PureTech со три цилиндри кој произведува 130 КС и ги движи предните тркала преку осумстепен автоматски менувач. За оние што им се приоритет перформансите имаат избор на две опции, и двете приклучни хибриди.
Тоа се PureTech 1,6-литарски четири цилиндраш кој, во зависност од електричното засилување, системски испорачува 180 односно 225 коњи. Батеријата има 12,4 kWh па би требало да обезбеди поминување над 70 километри на струја. Цените започнуваат од 35.000 евра. Овој автомобил треба да се види „во живо“ и да се доживе, па заљубениците во несекојдневни модели ќе бидат пријатно изненадени од новата 408.



