Од Словачка пристигнува микроавтомобил направен по узор на спортските модели од 30-тите години на минатиот век.
Patak Roadster дело е на компанијата Patak Motors и во основа е родстер со ретро изглед и модерна техника кој ќе биде на располагање со бензински или електричен погон. Тркалата се жичени како и некогаш, но сопирачките на сите тркала се дискови со систем против блокирање.
Малите габарити дозволуваат само две тесни седишта со еко или вистинска кожа, а според производителот стандардно ќе доаѓа со екран чувствителен на допир. Освен склопливиот покрив опционален е и носачот за багаж бидејќи нема простор за класичен багажник. Може да биде опремен и со систем за греење, безжично полнење на мобилен телефон, сензори за паркирање, задна камера и други модерни додатоци.
Верзијата со бензински мотор која чини 17 илјади евра располага со 20 коњски сили доволни за максимални 125 километри на час. Електричната варијанта која е еднакво моќна малку е побрза а може да се добие со два пакета батерии за автономија од 100 или 250 километри, по цена од 23 илјади односно 25.400 евра. Хомологацијата веќе е обезбедена, а почетокот на производството е планиран за август идната година.