Оптимистички прогресивен
Со смел и привлечен дизајн, петтата генерација на RAV4 ќе се бори да остане при врвот на листата најбарани модели од оваа класа
Објавено на 9 април 2018 година
Одликувајќи се со типичните карактеристики по кои стана познат, RAV4 сега е поставен на новата глобална платформа на Toyota. Заради тоа е понизок и поширок, незначително пократок и со поголемо меѓуоскино растојание. Изменетите пропорции се спакувани во остри линии вешто вклопени во складна целина која сигурно ќе привлече доста нови купувачи. Заради нив сега RAV4 може да се добие со двобојна каросерија и неколку различни изгледа на предната маска. Во новата внатрешност доминира екранот сместен на врвот на централната конзола, преку кој се управува со скоро сите функции на возилото. Но не и со климатизацијата и вентилацијата чии команди за поголема практичност се одвоени и поставени под него. Простор за патниците и нивниот багаж има повеќе, а долгиот список сериска и дополнителна опрема е во согласност со времето во кое живееме. На него се наоѓа и втората генерација на наградуваниот Toyota Safety Sense пакет електроника, кој заедно со задната мултилинк оска ја подобрува безбедноста во возењето. Покрај со 2,5 литарскиот бензинец со 206 KS во комбинација со 8-степен автоматски менувач, новиот RAV4 во Америка ќе се нуди и со хибридна погонска група. Во Европа се очекува да пристигне есенва, најверојатно без дизел мотори во понудата.