Молњата го засили напонот!
Стратегијата на Stellantis за остварување на планот да произведува само електрични автомобили вклучува постојано нивно унапредување, посебно во поглед на автономијата. Методично освежувајќи ја гамата на сите свои брендови, сега и Opel Mokka го доби новиот енергетски пакет од Peugeot 308 кој вклучува батерии од 54 киловат-часа. Со нив овој мал кросовер има за дваесет отсто поголема автономија и може да помине 406 електрични километри. За полнење до 80 отсто од капацитетот се потребни околу половина час, а посилниот електромотор со 156 коњски сили има намалена потрошувачка на струја. Со него Mokka Electric како што сега се вика забрзува до 100 километри на час за помалку од 10 секунди, а максималната брзина е ограничена на 150. Opel посебно е горд на фактот дека електричната верзија на Mokka во моментов во Германија учествува со две третини во вкупната продажба на моделот.