Opel Mokka – усовршени мотори

Новитети

Мокка повторно грми

По лансирањето на електричната верзија на прагот се изведбите со еколошките мотори на внатрешно согорување

објавено 22 септември 2020

Ренесансата на Opel продолжува. Успешната приказна за трасформацијата од пациент приклучен на респираторна машина до атлета во добра форма е инспирација за сите анализи. За само три години, колку што е под диригентската палка на групацијата РЅА, ”молњата од Руселсхајм” повторно го осветлува небото. Подемот на електричните модели отвори нов маневарски простор за докажување во кого Opel добро се снаоѓа, но не плука во стариот бунар. По претставувањето на атрактивната Мокка која се појави само во електрична верзија за жешката есен најавени се изведбите со традиционален погон. Нив ги претставуваат два бензински и еден дизел агрегат потпомогнати со турбо. Бензинците се трицилиндерски со моќност од 100 и 136 коњи. Посилниот може да се нарача со осум степена автоматика.

Двата мотори се економични со просечна потрошувачка од четири до 5,9 литри и ги задоволуваат еколошките норми пропишани со Еуро 6 од четвртото дополнување. Истите квалитети го красат 1,5 литрениот дизел од 110 коњи кои ја гасат својата жед со симболични 3,4 до 4,4 литри на 100 километри.  Технолошки близнак со францускиот братучед Peugeot 2008, за  Мокка може да кажеме дека покрај атрактивниот дизајн кој го надградува портфолиото на марката има просторна внатрешност во која може да се сместат и пет патници со багаж за кого е одреден простор од 350 литри. Ова е за почит доколку се земе во предвид дека каросеријата е долга 4,15 метри што е за 12,5 сантиметри пократко од претходниот модел. Opel не е само рационален туку е и емотивен бренд. Тоа го покажува со високата технологија посветена на безбедноста на патниците, но и нивна забава. Возачот сега може да ужива во потполно дигиталниот кокпит Opel Vizor и Opel Pure Panel. Двата дисплеи се обединети. Првиот е пред возачот со  големина од 12 инчи на кого се исцртуваат инструментите и основните функции што овозможува интуитивна употреба. Вториот е на врвот на централната конзола на кого се контролираат функциите на инфо-забавниот систем. На ова се додаваат бројните безбедносни системи кои ја олеснуваат работата на возачот. Тука мора да се наведат опционалните Матрикс IntelliLux LED светла со 14 честички кои возењето ноќе го претвораат во забавно и опуштено искуство. Новата Мокка на нашиот пазар треба да пристигне во првиот квартал на следната година.