Новиот кросовер од најавената соработка пристигнува на пазарот во 2028 година
Извршниот директор на Opel, Флоријан Хутл, и глобалниот извршен директор на Leapmotor, Џу Џиангминг, го потпишаа официјалниот договор за соработка за нов кросовер во сегментот „Ц“. Со ова дополнително се забрзува развојот на новиот модел, кој веќе се одвива во заедничките развојни центри во Руселсхајм и Хангџоу. Ова е дел од партнерството помеѓу Stellantis и Leapmotor, што претставува еден од елементите на стратешкиот план за раст FaSTLAne 2030.
Новиот C-SUV модел на Opel ќе му овозможи на германскиот производител да направи значаен стратешки чекор напред во однос на електрификацијата и проширувањето на понудата, и тоа во најкус можен рок. Се очекува продажбата да започне во 2028 година, при што новиот модел ќе ја надополни постоечката гама на Opel, која ја сочинуваат моделите Mokka, Frontera и Grandland. Новото возило ќе користи клучни компоненти од Leapmotor, комбинирани со карактеристичниот дизајн на Opel, ергономијата на кабината, инженерството на шасијата, како и напредните технологии за осветлување и седишта. Новиот модел ќе се произведува во Сарагоса, Шпанија каде се произведува Opel Corsa и Corsa GSE.


