Интригантниот концепт на Opel најавен минатата недела наскоро во реализација
За претстојаната смотра на автомобили во Минхен, која Opel ја доживува како домашен терен, гордо го најави својот новитет.
Рака на срце, резервиран за виртуелниот свет, но сепак вреден да се обврне внимание на него бидејќи со сигурност најавува нешто посебно што ќе се случи и во реалноста во догледна иднина. Не станува збор за нов модел со високи перформанси што ќе може да се купи во салоните.
Наместо тоа, единствената Opel Corsa GSE е најновата креација што ќе биде додадена на Gran Turismo 7 подоцна оваа година. Како и другите автомобили Vision GT, Corsa GSE оди многу подалеку од она што Opel всушност би го продавал на јавноста.
Во однос на погонскиот склоп, таа има вградено два мотори од 476 КС, по еден на секоја оска, кои испорачуваат комбинирани 800 КС и овозможуваат спринт од 0-100 км/ч за само 2,0 секунди и максимална брзина од 320 км/ч. Исто така, замислена е со функција за overboost од 80 КС што може да се користи во рафали од четири секунди.
На моторите им обезбедува батерија од 82 kWh. Од Opel велат дека лесната конструкција на автомобилот резултира со тоа што тежи само 1.170 кг и затоа ги има перформансите од соништата.
Визуелно Opel Corsa Vision GT има посебно изработена каросерија што овозможува во неа да се седи пониско и пошироко од сегашната Corsa, и покрај тоа што има слични димензии. Клучните дизајнерски детали вклучуваат проширени лакови на тркалата, најновата верзија на решетката Visor и комбинација од голем заден спојлер и изразен дифузер.
Внатрешноста е исто толку радикална што вклучува лесно седиште за возачот со безбедносни појаси со шест точки и сензори кои го предупредуваат возачот за други возила на патот. Иако ова ќе остане само концепт и дел од видео игра, Opel напоменува дека служи како „преглед на претстојните модели со значката GSE.“
Брендот неодамна го релансираше својот подбренд за високи перформанси со Mokka GSE, која испорачува 278 КС и 345 Nm вртежен момент, доволно за да ја забрза до 100 км/ч за 5,9 секунди.


