Opel – 75 милиони произведени молњи

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Круна украсена со четири дијаманти!

Grandland GSe e јубулејниот Opel, кој ќе биде следниот, електричен или со горивни ќелии???

Ова лето Господово 2022-ро, е година на прослави во Opel. Руселсхајмската молња ја слави својата 160-годишнина заедно со 30-тиот роденден на фабриката во Eisenach, 40 години од почетокот на производството на еден од најпродаваните модели, Opel Corsa, и произведено вкупно 75 милиони возила! Оваа импресивна бројка ја покажува важната улога на Opel во следењето и имплементирањето на технологиите и решенијата за мобилност во текот на изминатите децении и солуциите за мобилност во иднината. Несомнено дека целта на Opel е јасна, до 2028 г. да стане целосно електричен бренд во Европа со автомобили кои овозможуваат задоволство при возењето.

Честа да стане јубилеен, 75 милионит произведен Opel, му припадна на Grandland GЅe, приклучен хибрид со високи перформанси и електричен погон на сите тркала – вистински пионер во класата на компактните кросовери. Grandland GSe комбинира бензински мотор со 1,6 турбо полнач и два електрични мотори – по еден на секоја оска – за моќност до 221 kW/300 КС. Забрзувањето од нула до 100 km/h се постигнува за само 6,1 секунди, а максимална брзина до 235 км/ч. Новиот Grandland GSe на тој начин покажува како носи револуционерни технологии во компактната класа и во исто време го комбинира уживањето во возењето со посветеноста на безбедноста. Секако дека овие технологии се споделени и ќе се споделуваат со останатите модели од Руселсхајм. Но како се одвиваше патот до импресивното остварување, 75 милиони произведени возила?

Од машини за шиење преку велосипеди, Opel го освои своето место под сонцето со модели како што се Doktorwagen од 1909 година или Laubfrosch. Втората светска војна веќе беше во ек, во 1940 година, произведен е милионтиот Opel, Kapitän со самоносечка каросерија и независна предна суспензија, дизајн кој благодарение на неговата мала тежина обезбеди подобрени перформанси при возење и мала потрошувачка на гориво во тоа време.

Вториот милион беше прокнижен во 1956 година, исто така Kapitän. Милионите се нижеа еден по друг во следните години. Зголемувањето на брзината на производство не е само израз на брзо напредувачката моторизација, туку и резултат на тоа што производството станува помодерно и поефикасно.

Само 15 години подоцна, во 1971 година, десетмилионитиот Opel излезе од производната лента во фабриката во Rüsselsheim. Тоа беше Rekord C Caravan. Во 1983 година, сребрено-сивиот Senator CD е 20-милионитиот Opel што ја напушти производната лента во Rüsselsheim. И во истата деценија се прокнижи  25 милионитиот Opel, овој пат Omega A Caravan. Напоредно со големите модели се развиваа и компактните Opel Corsa и Astra, наследникот на Kadett, кои се придружија на клубот на милионери.

По повторното обединување на Германија, околу 4,13 милиони Astra F излегуваат од производната лента помеѓу 1991 и 1997 година. Ова го прави најпродаваниот модел на Opel до денес. Честа на 50-милионитиот автомобил на Opel уште еднаш и е доделена на Omega. Излезе од фабриката во декември 1999 година како сребрен седан на тогаш сеопфатно ажурираната В-генерација. И сега следи следната голема пресвртница со 75-милионитиот Opel…  Во текот на годините, Opel секогаш ги препознаваше прогресивните идеи и ги поддржуваше. Без оглед колку биле тешки времиња, а низ нив има поминато повеќе пати, Руселсхајмската молња била секогаш на страна на оние кои го пробивале патот. Особено сме горди што нашата редакција беше препознаена од Opel и ни беше доверена на годишен тест втората генерација на лимузината Insignia со што Авто Магазин стана дел од историјата на марката. Неа ни ја предаде во владение подпретседателот за дизајн Марк Адамс на специјално организирана церемонија веднаш по нејзиното излегување од монтажната лента во Руселсхајм. Таа е уште во нашата флота и, како што стојат работите, уште долго гордо ќе ја возиме!

Кусо време по вклучувањето во „Ѕвездената групација“, не само што е посветен на електро погонот, до израз дојдоа и иновативните концепти на Opel. Веќе две децении „дечките од Руселсхајм“ се пионери во технологијата на водородни горивни ќелии и таа технологија ја споделува со останатите членови на групацијата Stellantis, каде водат главен збор на пионерските обиди да се даде поевтина и поодржлива алтернатива на скапиот погон на струја со напојување од батерии. Можеби следниот милион ќе биде посветен токму оваа солуција. Opel не се плаши од иднината. А како да се плаши кога е еден од протагонистите што ја формира?!

 

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 85.50 ден
  • еуросупер 98 - 88.00 ден
  • еуродизел Д5 - 98.00 ден
  • течен нафтен гас - 53.00 ден
  • метан - 161.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER