Во Руселсхајм сé погласна е идеjата за ново ЕВ, помало и поевтино од Corsa.
Со целна цена од 25.000 евра, неименуваниот модел би можел да биде ривал на армијата на претстојните урбани ЕВ, вклучувајќи ги Cirtoen e-C3, Fiat Panda, Renault 5, Kia EV2 и VW ID.1 / ID.2. Пред неколку години Opel ги имаше Agila, Karl и Adam, но тие беа укинати со новата систематизација направена од новите сопственици. Според раководството на компанијата сега условите се зрели да се направи нов градски автомобил, помал од Corsa, за кого има простор во гамата. Иако урбаното електрично возило со значката на Opel не е официјално потврдено, коментарите сугерираат дека тоа веќе може да биде во развој.
Изгледот би бил врз основа на новиот стилски јазик претставен со концептот Opel Experimental. Иако извршниот директор, Флориан Хутл, не даде детали за основата на помалото ЕВ, судејќи според расположливите капацитети на Stellantis, малиот модел ќе биде поставен на евтината Smart Car или на технолошки понапредната STLA Small платформа. Неодамна претставениот Citroen e-C3 е основа на седум нови модели од Citroen и две други марки на Stellantis, најверојатно Fiat и Opel.
Шефот на Opel напомена дека развојот на нови хемикалии на батерии со погуст капацитет за складирање на енергија ќе ги направат новите модели поевтини, полесни и помали по големина. Ова ќе му овозможи на урбаното електрично возило на Opel да комбинира пристојна автономија и внатрешен простор без да биде премногу скап. Хутл рече дека евтините електрични возила стануваат „голема сила“ во индустријата бидејќи тоа е она што го сакаат повеќето клиенти.
Во тој контекст, Opel цели на цена од 25.000 евра за следната генерација на електричниот градски автомобил. Извршниот директор на Opel рече дека целта од 20.000 евра е неостварлива поради високата цена на материјалите. Ова е спротивно на фактот дека целосно новиот Citroen e-C3 идната година ќе се нуди за 19.990 евра со помала батерија.Следната генерација на Fiat Panda што доаѓа во 2024 година може да биде уште поевтина. Најверојатно конкретни резултати за планираното мало ЕВ на Opel ќе бидат видливи најрано во 2025 година. Во овој момент сé се сведува на шпекулации и планови.