Со Omoda X, Chery најавува пресвртница во своето ширење.
Спојувајќи ги практичноста на еден кросовер, истражувачкиот дух на теренско возило и динамичниот темперамент на спортски автомобил, моделот комбинира футуристички дизајн инспириран од трендовите со робусни возни способности и модерни технологии. Визуелно, различни стилови се развиени од дизајнерскиот јазик за кој марката вели дека е позрел и помоќен од досегашната естетиката на нејзините модели.
Светлосниот потпис присутен и на предниот и на задниот дел потсетува на енергијата на молња добиена со вклучување на некоја футуристичка машина и на возилото му дава впечатлив идентитет. Каросеријата долга пет метри се истакнува преку својот значително широк став а извајаните линии и остри геометриски контури му обезбедуваат доминантно моќен но елегантен и динамичен изглед.
Бескомпромисните можности за авантури во природата се овозможени со растојанието од подлогата од 200 милиметри и можноста за совладување водени препреки со длабочина од над 700 милиметри, така што асфалтот веќе не претставува граница до која може да се патува. За тоа ќе помогнат и способностите за влечење приколка до 1.800 килограми, носивоста на покривот од 75 килограми и 39-те простори за складирање.
Дополнително, системот за термално снимање со домет од 90 метри ги надополнува останатите сензори на возилото, обезбедувајќи поголема безгрижност во возењето во текот на ноќта или во услови на слаба видливост.
Во внатрешноста владее кокпитот инспириран од авијацијата. Се одликува со симетрична архитектура со двојни крила, организирана околу лебдечка централна конзола во форма на буквата X. Дигиталните инструменти се комбинирани со физички контроли за најчесто користените функции, а за дополнително подобрување на искуството во возењето овозможено е прилагодување на поставките според индивидуалните стилови. И амбиентот во внатрешноста исто така може да се персонализира со помош на мали магнетни фигури што се поставуваат низ кабината и поврзувани со возилото активираат посебни анимации.
За да одговори на различните барања на пазарот Omoda X ќе биде понуден со широк спектар погонски системи – хибридни, плаг-ин и електрични, како и со погон на две или сите тркала во зависност од конфигурацијата. Деталните технички спецификации и термините за лансирање ќе бидат објавени дополнително. Возилата на оваа марка во моментов се продаваат во 79 земји од кои 23 во Европа.


