Според законските прописи, од денес секое возило мора да има зимска опрема
Било надвор ладно или не, законот вели дека од денес во наредните четири месеци за возачите е зима, што значи дека зимската опрема во возилата е задолжителна до 15-ти март 2025 година. Според нашите прописи секое патничко возило кое учествува во сообраќајот надвор од населено место мора да има зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази по обем и широчина од 4 милиметри, или пневматици со летен профил ако возилото во приборот има синџири за снег за погонските тркала или други соодветни помагала.
За возилата со 4×4 погон зимските пневматици мора да бидат со длабочина на шарата од 6 mm, а иста е одредбата и за товарните возила и автобусите, кај кои доколку заради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и лопата. Законски, како зимски пневматици се сметаат оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, M&S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва, додека пневматици со клинци се забранети.
Доаѓањето на зимата не значи само задолжителна зимска опрема – таа подразбира и подготовка на возилото за ниските температури, кои секогаш доаѓаат оддеднаш, ненајавени. Препорачуваме, покрај задолжителната зимска опрема, да направите и зимска проверка на возилото која опфаќа проверка на антифризот, проверка на маслото во моторот, проверка на течноста за бришачите на ветробранското стакло, проверка на акумулаторот и притисокот во пневматиците.
Секогаш брзината прилагодувајте ја на условите на патот, одржувајте безбедно растојанието меѓу возилата, избегнувајте нагло сопирање или маневри со возилото. Почитувањето на овие препораки, како и на законската обврска за носење на зимска опрема, придонесуваат за побезбедно учество во сообраќајот при неповолните временски услови во овој период и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди.