Новиот е-Tron претставен во дворот на Tesla
Audi го покажа својот прв електричен автомобил во Калифорнија, каде Tesla е „домашен“ производител
Објавено на 19 септември 2018 година
Сега е веќе сосема јасно – премиум лигашите излегоа на терен. Audi го направи тоа во голем стил – се дрзна да го претстави својот прв сериски електричен модел e-Tron практично во дворот на Tesla, во Калифорнија. Ризикуваше пред него „колегите“ од Штутгарт да истрчаат со своите адути, но сепак успеа да ги покаже мускулите и со настапот во Сан Франциско порача дека е посилен играч отколку било кога и дека точно знае како иднината треба да изгледа, бидејќи не беше претставен само уште еден нов автомобил, туку цел низ решенија на проблемите што се детектирани како главна пречка на електричната мобилност во иднината.
Сепак да се задржиме на e-Tron, кој е прв навистина сериски електромодел не само на марката, туку генерално и на групата. Овој спортски SUV е замислен да биде соодветен за секојдневна употреба според димензиите, пространоста и едноставноста за користење. Долг е 4,9 метри и задвижуван од два електромотора со вкупно 408 KS и максимален вртежен момент од 664 Nm достапни во секој дел од секундата. Заради тоа Audi e-Tron до стотка ќе забрза за 5,7 секунди, а максималната брзина електронски му е ограничена на 200 km/h. Веќе сфативте дека ова решение е основа за идната Quattro генерација погон на сите тркала. Заради својата електрична природа тоа обезбедува врвно лежење на патот и управување на било каков терен и во било какви временски услови. Поголем дел од времето во функција е само задниот електромотор, а по потреба екстра силина се распределува и на предната оска.
Со едно полнење на батериите, Audi e-Tron според новиот WLTP тест-циклус може да помине повеќе од 400 километри. Тоа е постигнато со иновативниот систем за обновување на енергијата, кој обезбедува до 30 отсто рециклирана електрична струја за задвижување на возилото. Имено, при забавување до 0,3 g овој електричен SUV енергијата ја обновува само преку електромоторите. Тоа покрива преку 90 отсто од реалните ситуации во возењето, што значи дека сопирачките не се користат. А тие реагираат екстремно брзо благодарејќи на новиот електрохидрауличен концепт на активирање. За поголема ефикасност заслужна е и софистицираната аеродинамика, со виртуелните ретровизори на дело. За нив Audi во Европа ќе побара 1.540 евра повеќе од основната цена на e-Tron, која во Германија е поставена на 79.900 евра.