Се отвора нов фронт во сегментот на БЕВ. Сега тежиштето се префрла на батериите со цврст електролит!
Една од најдискутабилните точки на БЕВ се батериите чија вредност како заменски дел чини мало богатство и поради тоа цената на употребуваните БЕВ вртоглаво паѓа. Со развојот на новите технологии полека, но сигурно, лошиот имиџ ќе се смени.
Многу производители, како и независни технолошки компании, вложуваат огромни напори и средства во развој на батериите со цврст електролит (SSB – Solid State Battery). Овој тип батерии нудат низа предности, вклучувајќи висока густина на енергија што ќе овозможи далеку поголема автономија на возилата и издржуваат многу повеќе циклуси на полнење, особено на брзи полначи, отколку сегашните литиум-јонски батерии.
Сѐ поголем е бројот на автомобилски производители што најавуваат дека напроно работат во имплементацијата на ЅЅВ во сериските модели и дека веќе од идната година на пазарот ќе бидат понудени првите модели со овој тип на батерии. Тие ќе овозможат автономија поголема од 1.000 км според стандардите за тестирање на WLTP. Имплементацијата на ЅЅВ ќе се шири како шумски пожар.
По најавата дека тестирањата се при крај, најголемиот светски производител на батерии за ЕВ, кинескиот CATL, само ја иницираше лавината. Кратко време по тоа BYD најави дека од 2027 година сериски ќе вградува ЅЅВ во 50.000 визила годишно кои ќе бидат будно следени со цел по 2030 година тоа да стане стандард и да ги смени сегашните литиум-јонски батерии. Од западните производители одговорот дојде брзо.
Во само 24 часа пристигнаа две конфирмации од американските QuantumScape и Factorial дека ги започнуваат производствените линии на ЅЅВ, означувајќи ги најновите пресвртници во индустрискиот спринт кон комерцијално лансирање. Неодамна QuantumScape, поддржан од Volkswagen Group, го отвори Eagle Line, високо автоматизиран пилот-производствен погон во Сан Хозе, Калифорнија.
Еден ден подоцна, Karma Automotive објави договор со Factorial Energy за лансирање на првата американска програма за производство на батерии со цврста електролит за патнички возила. Батеријата ќе дебитира во целосно електричниот купе Karma Kaveya, кој е закажан да пристигне кон крајот на 2027 година. Factorial, американски стартап, има широк спектар на партнери, вклучувајќи ги Mercedes-Benz, Stellantis, Hyundai/Kia, покрај својот производствен договор со Karma.
Ланскиот септември, Mercedes-Benz, кој инвестираше „високи двоцифрени милиони“ во Factorial, го објави модифицирано тест возило EQS, опремено со литиум-метални ЅЅВ, кое на тест патека апсолвира 1.205 км со едно полнење, дистанца еднаква на растојанието од Штутгарт до Малме. Во прикаската се вклучува и групацијата Stellantis и оваа година ќе лансира демо-флота од возила опремени со батерии во цврста состојба на Factorial.
Исто така Chery планира да започне со пилот-тестирање и верификација на возилата оваа година. Nissan моментално гради пилот-фабрика за производство во Јокохама која ќе почне комерцијално да работи во 2028 година. BMW спроведува тестови во реални услови на возење со 17 прототипови и се стреми кон комерцијално воведување во почетокот на 2030-тите.
Батериите со цврст електролит се потенки и полесни и нудат подобра густина на енергија, а со тоа и подолг домет, за иста големина и тежина. Во почетокот ЅЅВ ќе бидат резервирани само за одредени модели, пред сè за оние со премиум и луксузна вокација, поради високите трошоци и ограничувањата во зголемувањето на производството. Дури на почетокот на следната деценија треба да ги видиме првите производители на автомобили како постигнуваат поголем обем на производство на SSB.
Технологијата на производство и големиот обем ќе бидат клучни за намалување на трошоците. Како што се поставуваат повеќе производствени линии и созреваат синџирите на снабдување, цените треба да почнат да паѓаат, а побарувачката ќе се зголемува. Дури од 2035 година се очекува масовна имплементација на ЅЅВ во високо сериските автомобили бидејќи традиционалните повеќе нема да бидат конкурентни од перспектива на понудената автономија, перформансите и тежината.


