Нов спортски специјалист од Маранело
Иако управата демантираше, Ferrari сепак подготвувал нов спортски специјалист
Објавено на 26 јануари 2018 година
Постојано се слушаат вести дека овој или оној подготвувал вакво или онакво нешто, но по правило тоа се пробни балони со кои се испитува јавноста. Ваквите вести најчесто се демантираат, како што Ferrari тоа го стори со шпекулациите дека подготвува нов спортски специјалист, односно екстремна изведба на 488 GTB. Но овојпат тие испаднаа точни – токму ваков модел бил претставен на одбрана група клиенти на затворена презентација, од каде е и оваа кришум направена фотографија. Не се знае точно како ќе се вика – Sports Speciale или GTO, ниту пак дали се вистинити наводите дека 3,9 литарскиот турбо V8 мотор ќе биде засилен од 670 на повеќе од 700 KS. Тоа со истовремено намалување на тежината за 50-тина килограми треба да донесе забрзување до 100 km/h за 2,8 секунди, односно 0,2 секунди побргу од 488 GTB, додека најголемата брзина ќе порасне од 325 на 335 km/h. Согласно тоа подобрена е и аеродинамиката која обезбедува за 20% поголема сила на прилепување. Погонот ќе остане на задните тркала, со самоблокирачки диференцијал и 7-степен автоматизиран менувач со двојна спојка.
Колку од ова е точно ќе дознаеме за месец и нешто на салонот во Женева, каде и обичните смртници ќе можат во живо да го видат овој предизвикувач на Lamborghini Huracan Performante и Porsche 911 GT2 RS.