Зад добар зимски пневматик снег и вода се креваат
Од зимските пневматици се очекува многу, особено кога се работи за спортско-корисните возила
Објавено на 28 јануари 2019 година
автор: Крумислав Барзов
Во зимските месеци сообраќајниците ако не се прекриени со снег тогаш во најголем број денови се влажни, а згора на тоа има песок. На споредните патишта покрај лошиот асфалт исполнет со ударни дупки, може да се најдат остатоци од снег, заледени делници и одрони, а неасфалтираните делници изобилуваат со кал и вода. За да одговори на овие предизвици Nokian ги конструира новите зимски пневматици WR SUV 4 наменети да одговорат на условите на возење по патиштата и вон нив во Централна Европа.
Робусната и издржлива структура искомбинирана со зајакнатите странични ѕидови гарантираат дека пневматикот може да издржи поголеми оптоварувања и удари и дека е поотпорен на посекотини кои се јавуваат од ударни дупки и камења. Архитектурата на нагазната површина ја карактеризира континуираното централно ребро кое го стабилизира пневматикот на сите површини. На него се поставени индикаторите за истрошеност. Кога ќе ги снема бројките тогаш длабочината на шарата е помала од четири милиметри што е знак дека зимските пневматици треба да се сменат со нови.
Ламелите имаат брановидни канали кои ја зголемуваат стабилноста и го подобруваат управувањето благодарение на подоброто исфрлање на водата и раскашавениот снег. За прв пат во цивилна употреба се сретнува материјалот Aramid. Тој се изработува од вештачки влакна а го карактеризира цврстина па затоа досега бил користен во воената индустрија и во вселената. Страничните ѕидови на Nokian WR SUV 4 се зајакнати со него за да се добие поголема издржливост на пневматикот во сите услови на возење особено на терен.
Дека е така имавме шанса да се увериме во перформансите на овие пневматици на домашен терен исполнет со предизвици. Временските услови беа како створени да се доведат во искушение пневматиците кои многу ветуваат. Удобноста при возење на лош пат е на високо ниво. Не почуствував никакви компромиси ниту при управувањето кое остана смирено и прецизно. Дури и при возењето на каллив пат исполнет со бари и слој на снег не наидов на поголеми возбудувања. Преносот на силата се одвиваше без потешкотии токму поради претходно споменатите ламели и блокови чија конструкција не дозволува задржување на калта и снегот во шарата на пневматикот.
Сето ова ме охрабри да преминам на следниот предизвик. Сакав да го почувствувам однесувањето на Nokian WR SUV 4 при атипични брзини на подлога од макадам прекриена со раскашавен снег. Оваа комбинација возењето го прави непредвидливо и лесно може да се јави пролизгување. Поради претерувањето со брзината тоа се случи, но не доживеав поголеми предизвици да ја одржам замислената траекторија. Кога го исклучив ЕЅР уредот само повеќе се забавував, а пневматиците оставаа облаци од вода и снег зад мене.
По овој излет со Nokian WR SUV 4 со полно право може да кажам дека моите очекувања беа надминати, а една стара поговорка доби уште една верзија – зад добар зимски пневматик снег и вода се креваат.