Nissan Z Proto – традицијата продолжува

Вести Видео Поглед во иднината

Доаѓа новото Z

Покрај силната посветеност на електрификацијата, Nissan се уште не дигнал раце од моторите на внатрешно согорување…

објавено 19 септември 2020

Спортските автомобили имаат силна традиција кај повеќето јапонски марки. Една од нив секако е Nissan во чие портфолио се легендарните купеа со моќни мотори кои ја носат последната латинична буква во своето име. Најновото остварување се уште се води под работното име Z Proto и најавува дека 50 годишната традиција ќе биде продолжена на најдобар можен начин. Тој ќе биде наоружан со V6 бензинец со два турбо полначи а силата ќе се пренесува преку мануелен шест степен менувач, секако, на задните тркала.

Изгледот е направен во земјата на изгреј сонцето и јасно повлекува паралела помеѓу минатото и иднината, помеѓу традицијата и модерното. Тоа најдобро се гледа преку контурата на каросеријата со нејзината светла перла жолта боја и црн покрив која ги истакнува дизајнерските цитати инспирирани од претходниците. А тие се насекаде.

Впрочем Z Proto е мала ризница на детали инспирирани од минатите припадници на семејството преточени во едноставна форма која изобилува со интересни детали и ги нагласува спортското и елегантното. Комплетниот впечаток го подвлекуваат 19 инчните тркала и двојниот издув. Секоја генерација има посилен мотор, но кај Z моделите работите се доведени на повисоко ниво отколку на брутална сила. Тоа се возила кои се поврзуваат со возачот не само на физичко ниво, туку емоционално и одговараат на возачките импулси. Секако дека јапонците се мајстори на драмата, па затоа ни ги открија само основните параметри. Колкава сила ќе има моторот се уште се крие исто како и кога Z Proto од прототип ќе стане сериски модел. Се знае дека е двосед со должина од 4,38 метри, широк е 185 центиметри и со пигмејска височина од 1.310 милиметри. Видеото ќе ви ја појасни многу повеќе идеата и фасцинацијата која ја пружа новата генерација Z!

Видео