Согласно својата глобална политика за настап, Nissan надвор од Европа место Juke во оваа класа го нуди моделот Kicks.
Дојде време за втората генерација на Kicks со која Nissan покажува едно ново лице на дизајнот на своите модели. Поцврстиот изглед на субкомпактниот кросовер е проследен со пораст на димензиите и попространа внатрешност, сега подобро опремена.
Новата механика вклучува дволитарски атмосферски мотор кој генерира 139 коњски сили, на располагање исклучиво со безстепена вариоматска трансмисија. За разлика од првата генерација Kicks сега може да се добие и со погон на сите тркала реализиран преку интелигентен систем за пренос со повеќе режими на возење. Битно за теренските својства е и растојанието од подлогата кое како кај ретко кој од конкурентите изнесува повеќе од солидни 213 милиметри.
Водејќи се со конкуренцијата со слична големина Nissan трендовски го опреми Kicks со дигитален кокпит, управувач со рамно дно, бројни конективни можности и доста други работи распоредени низ пет пакети. Купувачите на топ-моделот можат да уживаат во подвижниот панорамски покрив и Bose аудио системот со 10 звучници вклучително и оние интегрирани во предните наслони за глава.
Како и досега Nissan Kicks за американскиот пазар ќе се произведува во Мексико, а продажбата треба да му започне кон крајот на летото. Цените ќе бидат дополнително објавени но секако ќе бидат повисоки од досегашните 20.800 долари. Јасно, неговото доаѓање во Европа е сосема исклучено.