Купувачите ќе одлучат
Дали Mini во блиска иднина ќе биде бренд што ќе произведува само електрични автомобили, купувачите ќе бидат тие што одлучат
Објавено на 10 април 2019 година
Својот прв електричен автомобил Mini го претстави уште во 2007 година. Тогаш беше направена мала серија за тестирања, а проектот доби силна политичка поддршка од ресорните британски и германски министри. Цел свет разбра за напорите на марката за електрификација на гамата, но од необјаснети причини одеднаш престана да се зборува за тоа. Затоа и после десет години кога Mini покажа нов електричен концепт, не беа сфатени сериозно. Сите мислеа дека се работи за уште еден ветувачки експеримент со неизвесна иднина.
Но една неодамнешна изјава на членот на управата на BMW Петер Шварценбауер кој во последните шест години е задолжен за производствената програма на Rolls-Royce и Mini, смени сé од корен. Тој одговарајќи на општите прашања за електрификацијата рече дека интензивните подготовки за неа се при крај и дека во преодниот период за кој сé уште не знаат колку ќе трае, купувачите ќе можат да бираат меѓу електрични и возила со конвенционални мотори. Отворајќи со тоа многу дилеми тој сепак ја ускрати љубопитноста што ја предизвика и ги остави безбројте прашања без одговор, замислувајќи ги сите со заклучокот дека купувачите ќе бидат тие што на крај ќе одлучат дали Mini во блиска иднина ќе биде бренд што ќе произведува само електрични автомобили.
За едно сепак се дозна – дека по повод 60-тиот роденден на марката, најверојатно на салонот во Франкфурт, ќе биде преставен првиот електричен модел на Mini наменет за сериско производство. Неговите тестирања се при крај, а неофицијално ќе го има погонскиот склоп од BMW i3 со 184 коњски сили и батерии кои ќе му обезбедат автономија од 320 километри. Но за разлика од него ќе биде поставен на модификувана верзија на UKL1 платформата, што значи дека ќе има погон на предните тркала. Перформансите би требало да му бидат слични на бензинскиот Cooper S, а цената ќе му се движи околу 30.000 фунти. Електричниот погонски систем ќе доаѓа од фабриките на BMW во Германија, додека финалната монтажа ќе се одвива во британскиот Оксфорд. Во продажба треба да се најде веќе пред крајот на годинава, а според од порано потврдениот договор со кинеската автомобилска компанија Great Wall Motors овој модел треба да се произведува и во Кина.