Функционален, интелигентен и со динамичен изглед
Караванската верзија на Е-класата ќе доаѓа со нови погонски склопови кои имаат една заедничка особина – електрификацијата
Уште од 1977 година кога се појави караванската изведба на легендарниот W123, ваквите модели на Mercedes имале значајно место во пазарната понуда на марката. Купувачите ги ценеа заради својата практичност која се надградуваше на сите други особини по кои возилата со трикрака ѕвезда беа познати. Сега на нив се додава и електрификацијата. Како пандан на деловната лимузина покажана пред два месеца, и караванот на новата Е-класа ќе доаѓа со нови погонски склопови, сите со хибридна помош. Основата ја чинат дволитарските четирицилиндрични агрегати, еден бензинец и еден дизел. Тие располагаат со 204 односно 197 коњски сили на кои електромоторот додава уште 23. На врвот во моментот се наоѓа плаг-ин хибридот со истиот бензински мотор но со уште 129 електрични коњи и батерија која ќе го одвезе солидни 113 километри со нула емисии. За иднина германскиот производител најавува уште помоќни верзии кои како и сегашните ќе испорачуваат исклучиво со деветстепена автоматика.

За разлика од претходните, новата караванска генерација на Е-класата има похрабро стилизиран заден дел со силно наклонет столб изведен возилото да асоцира на shooting brake. Големината на просторот за багаж варира во зависност од погонскиот склоп па така благите хибриди имаат 615, а плаг-ин изведбата само 460 литри. Причината за тоа се батериите сместени во подот на багажникот. Воздушното ослонување на задната оска е дел од сериската опрема, со цел да се обезбеди поголема стабилност на товареното возило. Посебно ако се влече приколка која може да биде тешка до 2.100 килограми. Интересно е што куката за неа се извлекува со притисок на копче во багажникот.

Полето на кое се очекува новата Е-класа караван најмногу да ги воодушеви купувачите е уредувањето и квалитетот на патничката кабина. Секако и списокот на опрема на кој се среќаваат и елементи по потекло од S-класата. Имплементирани се неколку нови технологии, од кои најзабележително е свежото издание на MBUX системот со вештачка интелигенција која е во состојба да ги препознава навиките на возачот. Mercedes се надева дека секој пети продаден примерок од новата Е-класа ќе биде во караванска верзија. Се очекува новитетот да се најде во салоните во текот на летото, по цена за која не се знае колку ќе биде поголема во однос на претходната генерација. Во иднина можно е и AMG да се позабави со новиот караван, вградувајќи во него некој од своите веќе познати погонски склопови.


