Нема предавање!
И покрај фактот дека денес со пазарот владеат SUV моделите, моноволуменците не се предаваат
Објавено на 5 февруари 2019 година
Посебно не големите како што е V-класата на Mercedes, која за пет години откако е претставена тековната генерација е продадена во 210 илјади примероци. Предностите на оваа категорија возила не треба многу да се елаборираат. Тие можат да бидат удобно превозно средство на далечни релации, луксузна канцеларија на тркала или пак кампер за уживање во убавините на природата.
За максимум задоволство на сите профили корисници, V-класата доаѓа во три големини. Ревидираниот стајлинг на надворешноста ја издвојува од доставниот Vito. Маската сега е со дијамантска структура и заедно со новиот браник и светлата ја зголемува атрактивноста на изгледот. Повеќе новини има во внатрешноста, која сега е пософистицирана и дополнително опремена. Се истакнува централната конзола со новиот екран на мултимедискиот систем, а доста детали се преземени од патничките модели на Mercedes. Електрониката ќе се грижи за автоматско запирање во случај на опасност, задржување на лентата на движење и возилата во слепите агли. Луксузните кожени седишта со масажа и панорамскиот покрив пак, за пријатни патувања на осумте патници. За тоа ќе придонесуваат и новите дволитарски дизели од 190 и 240 коњи, спарени со 9-степена автоматика и по желба погон на сите тркала.
Цените на обновената V-класа во Германија ќе стартуваат од 37 илјади евра, а подоцна ќе биде понудена и поевтина варијанта. Во план е и електрична верзија, чиј концепт ќе биде прикажан на салонот на автомобилите во Женева.