Mercedes – EQS

насловна Поглед во иднината

Нов рекордер!?

EQS би требало да има најголема автономија меѓу електричните возила

објавено 05. април 2021

Mercedes наголемо се подготвува за лансирање на луксузниот EQS. Овој модел кој погрешно се нарекува дека е електрична верзија на S-класата ќе има сосема нова, наменски развиена платформа. Таа ќе се искористи за сите поголеми електрични модели на марката кај која акцентот ќе биде ставен на автономијата. Според зборовите на одговорните во компанијата тест-прототипите постигнувале автономија од преку 700 километри со едно полнење, што е досега најголема бројка во авто-индустријата. За производство на батериите фабриката во Унтертуркхајм покрај Штутгарт веќе е опремена со најновите технологии, додека автомобилот ќе излегува од погоните во блискиот Зинделфинген. Дизајнот на EQS засега сé уште не е дефинитивно познат, но во голема мерка треба да се базира на истоимениот концепт покажан пред година ипол на салонот на автомобилите во Франкфурт. Тој се карактеризира со исклучителна аеродинамика со коефициент на отпор на воздухот од само 0,2 каква нема ниеден сериски автомобил.

За разлика од надворешноста која се крие, Mercedes гордо го покажа ентериерот за кој ќе звучи скромно ако кажеме дека е револуционерен. Содржи четириесетина иновативни решенија од кои најмногу паѓа во очи големиот 56-инчен заоблен екран растегнат преку целата широчина на автомобилот, за чие функционирање се грижи процесор со 8 јадра и 24 гигабајти меморија. Низ автомобилот се распределени дури 350 сензори што ги надгледуваат сите параметри на возната динамика, кои понатаму се проследуваат на вештачката интелигенција. Со што сé уште Mercedes EQS ќе го менува автомобилскиот свет ќе дознаеме наскоро бидејќи се доближува терминот за негово пазарно лансирање планирано за летово.