Mercedes-Benz – Citan

насловна Новитети

Германски двоец со француски шмек

Првиот Citan беше критикуван па штутгардците не оставија ништо на случајност

објавено 22. октомври 2021

Кога се појави првата генерација на Citan беше подвргната на остри критики не поради соработката и заедничкото производство со Renault, туку што практично само беџот и некои мотори беа на Mercedes. За втората генерација без разлика дали се работи за дизајн, ентериер, подесување на подвозјето или опременоста, Швабите успеаја да станат препознатливи во обновена соработка со „развојниот партнер“. Не само што Citan е вистински Мерцедес, туку за прв пат и сериозен конкурент на VW Caddy.

 

Со заоблената решетка на ладилникот и тенките фарови предницата изгледа како мешавина помеѓу Vito и B-Class. Сепак, страничниот и задниот дел останаа под влијание на француската дизајнерска школа. Речиси 4,50 метри долгиот Citan првично ќе биде лансиран како доставно комбе и патничка верзија со 2,72 метри меѓуоскино растојание. Така, на првиот му нуди товарен простор долг 3,05 метри, кој по желба може да се товари преку страничните лизгачки врати и стандардно преку двојните задни врати. Комбето е оптимизирано за големи оптоварувања, носи до 782 килограми кои може да се распоредат во товарниот дел со капацитет од 2,9 кубни метри, а исто така може да влече приколка тешка до 1,5 тони. Целосно застаклената патничка верзија е дизајнирана да превезува патници кои можат да влезат преку две лизгачки врати. Подоцна ќе има варијанти со долго меѓуоскино растојание како и изведба по рецептот на Т-класа, која е наменета за приватни купувачи.

Во внатрешноста Citan мора да се задоволи со комбиниран дисплеј и 7-инчен екран на допир на централната конзола. Логички структуираниот и интуитивно управуван инфо-забавен систем MBUX (Mercedes-Benz User Experience) е достапен во различни нивоа на опременост. Армадата на системи за помош обезбедува добро чувство во кабината, но за жал, повеќето од нив се достапни само со доплата. Citan се испорачува со бензинци и дизели со распон од 75 до 131 КС. Најслабиот дизел од 75 и најсилниот бензинец од 131 коњи се превземени од Renault а германците вградуваат уште два дизели и еден бензинец.

Преносот на силата е на предните тркала преку шест степен мануелен и седум степен автоматски менувач кој ќе влезе нешто подоцна во понудата со посилните мотори. Сегментот на комбиња е широко развиен и конкуренцијата доаѓа од сите страни. Во Мерцедес-Бенц цврсто веруваат дека имаат многу аргументи да ги убедат купувачите дека Citan ја заслужува ѕвездата на својата маска. Дали се во право ќе се види набргу.