Продадена фабриката во Хамбах
Долго планирање, брза реализација
објавено на 09 декември 2020
Не поминаа ниту три месеци од најавите дека фабриката во Хамбах сака да ја продаде, Mercedes-Benz објави дека по 23 години производство домот на Smart од 01.01.2021 ќе премине во сопственост на британскиот INEOS Automotive кој ги откупи сите акции на Ѕmart France S.A.S. Иако се менува сопственичката структура, производството, барем за сега, останува по старо. Британската компанија е формирана само пред три години и се претстави со теренецот Grenadier. Почетниот елан и ентузијазам на менаџментот го најави како најдобро теренско возило во класата со супериорни 4х4 можности. Дали е ова потег кон проширувањето на производството на Grenadier или е во прашање уште еден маневар кон електрификацијата на сопствената понуда ќе покаже времето. Фабриката во Хамбах ја отворија Францускиот претседател Жак Ширак и Германскиот Канцелар Хелмут Кол како пример на слободна економија и комуникација помеѓу двете земји кои имаат длабока историја на недоразбирања. Од 1997 година тука се произведува Smart, а сега од монтажните линии излегува електричнaта изведба на шармантниот двосед. Како е договорено производството ќе продолжи со истиот капацитет и вработени, а до кога никој не споменува. Сопственикот на 11% акции од Daimler, концерн сопственик на Mercedes-Benz, впрочем е најголем акционер со право на одлука. Господинот Ли Шуфу најави дека е извесно новите електрични модели да почнат да се произведуваат во Кина бидејќи таму ја пушти во употреба новата фабрика за батерии. Капацитетот на производството е голем па еден од првите преселени веќе постоечки модели од Европа требаше да биде токму Smart-EQ ForTwo.


