Камионското одделение на Mercedes остана доследно на своето – реши да го испровоцира сегментот и го оствари тоа.
Лани во октомври претставениот електричен eActros 600 ја донираше својата футуристичка кабина на сегашната дизелска гама, со што се роди нов модел наречен Actros L наменет за долголиниски превоз.
Дека компанијата добро се подготвила за овој пресврт сведочи и тоа што новиот камион веќе може да се нарача, а првите испораки ќе стигнат во декември годинава. За изгледот на кабината не треба воопшто да се зборува бидејќи тој остава без текст. Но затоа треба да се каже дека нејзината аеродинамичност штеди и до 3 отсто гориво. Тоа заедно со унапредувањата на агрегатите ќе значи многу за флотните купувачи на тешки камиони бидејќи сосема е јасно дека класичните погонски технологии уште долго време ќе владеат во овој сектор.
Револуцијата сепак е започната и кај Actros L се спојуваат најдобрите работи од двата света – идниот и сегашниот. Но во духот на пргавоста на инженерите на Mercedes и тој е унапреден со нови решенија за погонската механика. Третата генерација на докажаниот 12,8 литарски OM 471 дизел мотор се опремува со два нови турбо компресора чија работа е прецизно прилагодена за различните потреби на купувачите.
Кај варијантата наменета за превоз на долги релации фокусот е на постигнувањето на што е можно помала потрошувачка, а кај оние кои бараат поголема динамика во возењето на испораката на вртежниот момент. На сето ова е додадена и нова електроника чии предности возачите на тешките камиони допрва ќе ги дознаваат. Целиот пакет Mercedes го има заокружено со сеопфатниот распон на дигитални услуги со кои значително се поедноставува процесот на работата на операторите на возните паркови.


