Британскиот производител на суперавтомобили ја менува стратегијата
Ако Lamborghini и Ferrari можат да прават кросовери, зошто McLaren да не може?! Тоа е пораката што индиректно ја прати новиот директор на марката Ник Колинс кој потврди дека се развиваат возила со четири седишта. Поточно повеќе од две како што се изрази, со што компанијата ќе започне да се шири надвор од сегментот на суперспортски двоседи. Плановите се тие да се појават до 2030-та година, во соработка со Nio. Директно не спомна дали се мисли на луксузни лимузини или пак SUV модели, но веројатно во игра се двете варијанти. Поддршката за ова ја има во саудискиот инвестициски фонд CYVN Holdings кој веќе има воспоставено соработка со кинескиот производител за пласман на премиум електрични возила на Блискиот исток, а држи и 20 отсто од неговите акции. Деталите за идните модели на McLaren не се познати.


