Ванкел ќе врти за струја!
Критиките конечно стигнаа до Mazda – две години после лансирањето електричниот MX-30 конечно ќе добие поголема автономија. Но не со поголеми батерии туку со ротационен ванкел мотор. Ваквата солуција Јапонците ја имаа најавено од порано но практично никогаш не дадоа некои детали за временската рамка кога би била имплементирана. Сега веќе е познато дека кросоверот со вграден мотор со внатрешно согорување кој ќе произведува струја за електромоторите ќе дебитира на салонот на автомобилите во Брисел во јануари 2023 година. Согласно намената моторот ќе работи на фиксен број вртежи со што ќе се оптимизира неговото делување. Со тоа ќе се подобрат најголемите недостатоци на ротационите мотори – трајноста и издувните гасови. За колку со него ќе се продолжи автономијата на овој интересен кросовер која сега изнесува едвај 140 километри, не е познато. Не се знаат ниту техничките спецификации и очекуваната цена.


