Волшебна формула
Инженерите на Ferrari му дадоа „вештачко дишење“ на V8 моторот на Levante
Објавено на 11 декември 2018 година
Maserati се соочува со вистински колапс во остварувањето на плановите. Во Fiat Chrysler воопшто не се задоволни со продажбата која во последниот квартал е опадната за 19, уште помалку со профитот кој е помал за застрашувачки 87 отсто. Во барањето волшебна формула за излегување од кризата, Maserati се обрати за помош до поголемиот брат. Затоа и новиот Levante GTS слободно можеме да го наречеме „Ферарино“. Направен е да се пресмета со помоќните од него заради што срцето му е борбено, со потпис на марката од Модена. Има 3,8 литри работна зафатнина и 550 коњски сили распоредени во V8 формација. Црвената душа ќе му овозможи забрзување до сто за само 4,2 секунди и максимална брзина од 292 километри на час. Освен перформансите на ниво на спортски автомобил, адут на Levante GTS е и дизајнот. За агресивната појава придонесуваат Matrix LED светлата и новиот браник со големите отвори за воздух. Внатрешноста е во ист стил со спортски седишта, карбонски инсерти и нова инструмент табла. Иако V8 звукот на Levante GTS е музика што сите ќе сакаат да ја слушаат, Bowers & Wilkins за него подготви врвен аудио систем со 14 звучници.